Црвена Звезда против Партизан во финалето на АБА – Цедевита разбиена на „мајсторката“ во Белград

Црвена Звезда ќе ја брани титулата во АБА-лигата откако „црвено-белите“ забележаа победа во мајсторката против Цедевита Олимпија, за место во финалето каде ќе ги одмери силите со вечниот ривал Партизан. Слично како Партизан синоќа против Будуќност, така и Црвена Звезда вечерва против Цедевита покажа беспрекорна игра во нападот (88-78), за заслужена победа и пласман во големото финале.

„Црвено-белите“ од самиот почеток тргнаа фуриозно, по само седум минути игра постигнувајќи 20 поени за водство од 20-10. Позитивата се зголемуваше и во првиот дел од втората четвртина, кога избраниците на Радоњиќ стигнаа до огромни 19 поени позитива (35-16). Драгиќ влезе во ритам и Цедевита конечно заигра во брзо темпо во нападот, па гостите од Љубљана ја стопија негативата до крајот на полувремето (42-37).

Возбудувањата продолжија и во вториот дел, Црвена Звезда отвори со серија од 8-0, а АБА-шампионот продолжи во ист ритам и набрзина стигна и до огромни „плус 20“ (67-47). Гостинските кошаркари постигнаа седум поени во низа до крајот на четвртината, јасно покажувајќи дека планираат да се борат до самиот крај. Домаќините сепак беа премногу искусни и квалитетни за да дозволат драма во завршницата, одржувајќи ја удобната предност се до конечните 88-78.

Сите кошаркари на Црвена Звезда кои влегоа во игра (дури 11 различни) успеаја да се запишат меѓу стрелците, а најефикасни беа Калиниќ со 15 и Ивановиќ со 11 поени. Во таборот на Цедевита одлични беа Ферел со 25 и Драгиќ со 21 поен, но целосно потфрлија Пулен и Блажич, кои постигнаа по скромни шест поени.

Првиот дуел од финалето меѓу Црвена Звезда и Партизан е закажан за петок со почеток во 20 часот.

Се вчитува...