Црвена Звезда доживеа вистински европски дебакл, откако по победата од 3-0 во Белград, загуби со неверојатни 5-1 од Викторија Плзењ и остана без пласман во Лигата на Европа.
По шокантниот пораз, Управниот одбор на српскиот клуб одржа седница и донесе неколку заклучоци, кои беа објавени во официјално соопштение.
Од клубот поразот во Чешка го оценија како еден од најтешките во поновата историја на Црвена Звезда.
„Управниот одбор на ФК Црвена Звезда го оцени поразот во Плзењ како еден од најтешките порази во поновата историја на Црвена Звезда и побара од спортскиот сектор, во соработка со шефот на стручниот штаб, во најкраток рок да направи анализа и да достави извештај до Управниот одбор“, се наведува во соопштението.
Втората точка се однесува на изборите за ново раководство. Од клубот потврдија дека претседателските избори и изборот на нов Управен одбор ќе бидат спроведени веднаш по завршувањето на есенскиот дел од првенството, односно на 4, 5 и 6 декември, во согласност со статутарната процедура.
До завршувањето на изборниот процес, од Црвена Звезда најавуваат целосна мобилизација на спортскиот сектор со цел да се исполнат поставените цели.
„До завршувањето на изборниот процес ќе се мобилизираат сите расположливи спортски капацитети и ќе се остварат сите зацртани спортски цели, а тоа се освојување на есенската шампионска титула и победи во Конференциската лига кои ќе нè одведат во завршницата на ова натпреварување на УЕФА“, стои во соопштението.
Од клубот истакнаа и дека во периодот до изборите ќе мора да се работи максимално одговорно и професионално, со цел да се стабилизира целокупниот клуб.
„Максимално одговорно и професионално ќе се однесуваме кон сите предизвици со цел стабилизација на целиот клуб до изборот на новото раководство“, порача Управниот одбор на Црвена Звезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
