Црвенкоска: Вардар е семејство, не е важно дали си маж или жена

Вардар стигна до втората европска круна во Келн, овозможувајќи и Билјана Црвенкоска да испише историја на фајналфор турнирите, како прва жена тренер што го кренала шампионскиот пехар во „Ланксес Арена“. Поранешната македонска репрезентативка е прв асистент на Парондо, на неколку средби во СЕХА дури и ја водеше екипата, па Црвенкоска и самата има значаен придонес во освојувањето на трофејот.

„Чувството е неверојатно, горда сум на овој успех, иако им е јасно дека мојата улога е секундарна. Најзаслужни сепак се ракометарите, немаше да бидеме овде ако тие не ги одиграа своите улоги. Мило ми е што цела Европа ја уверивме дека Вардар уште е силен. Многумина си заминаа, па сите мислеа дека сме далеку од елитата, со потценување гледаа на нас. Сепак, голем дел од играчите останаа, а оние кои дојдоа веднаш се вклопија во системот на Парондо. Така, со свежа крв во тимот, Вардар стана уште посилен“ – истакнува Црвенкоска во интервју за ЕХФ.

Уште еден важен фактор за фантастичниот успех се беспрекорните меѓучовечки односи што владеат во таборот на „црвено-црните“.

„Имав беспрекорна соработка со Парондо, бев негова десна рака, му помагав со деталите, но јасно е дека главниот дел од тактиката беше негов. Во прилог ми одеше што ги познавав ракометарите бидејќи претходно бев директорка во клубот, така што оние кои беа подолго време со нас добро ме познаваа. Бев прифатена без апсолутно никаков проблем во стручниот штаб, затоа што Вардар е семејство, не е важно дали си маж или жена“ – открива Билјана Црвенкоска.

Се вчитува...