Партизан го претрпе првиот пораз во АБА-лигата сезонава откако „црно-белите“ го загубија големото дерби со Црвена Звезда, со резултат 90-74. Двата тима понудија извонредна кошарка пред се кога станува збор за играта во напад, но „црвено-белите“ беа поумешни во второто полувреме, земајќи го скалпот на избраниците на Жељко Обрадовиќ.
Првата четвртина мина во израмнета игра, а овој дел од мечот го одбележа прекинот пред самиот крај, кога судиите се повлекоа во соблекувалната при водство на Партизан од 17-18 откако навивачите на Црвена Звезда фрлија тврди предмети кон теренот. Прекинот траеше триестина минути, а по празнењето на дел од трибините дуелот продолжи без домашниот плејмејкер Никола Ивановиќ, кој заработи незгодна повреда непосредно пред инцидентот. Играта беше израмнета до крајот на полувремето, за Бентил со атрактивно забивање во последните секунди да ја донесе Црвена Звезда во водство од 49-48.
Третата четвртина почна со фуриозна игра на Црвена Звезда, откако пулените на тренерот Ивановиќ за нецели три минути направија серија од 9-0 и стигнаа до првото двоцифрено водство на мечот (58-48). Партизан се разбуди, успеа да се приближи и до два поени негатива, но на стартот од четвртиот период следеше нова серија на Црвена Звезда и нова двоцифрена предност за актуелниот првак на АБА-лигата. Кошаркарите на Партизан повеќе не ги служеше шутот, „црно-белите“ не успеаја уште еднаш да се вратат во мечот, па домашниот тим со серија во самиот финиш на крајот триумфираше со преубедливи 90-74.
Вилдоза беше најефикасен во таборот на Црвена Звезда со 19 поени, два помалку од Аргентинецот постигна Немања Недовиќ, додека прв стрелец на Партизан во вечерашниот пораз беше Папапетру со 15 поени, пред Егзум со 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА