„Црвено-црна“ доминација: Вардар ја освои 15. шампионска титула (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Вардар ја продолжи доминацијата во македонскиот ракомет откако денеска во последното коло од победничката фаза на Суперлигата со триумф над Тиквеш од 37-25 ја потврди шампионската титула. Истата за „црвено-црните“ ќе биде 15. титула во историјата, а седма во низа.

Титулата Вардар ја најави уште од самото отварање на натпреварот кога со серија од 7-1 стигна до посакуваната предност за мирен тек на мечот. Добрата игра на „црвено-црните“ продолжи и до крајот на првото полувреме за водство од 18-10, а не запре ниту во вторите 30. минути кога истата се искачи и на „плус“ 13 (28-15). Малото опуштањето на домаќините на средината на второто полувреме го искористија гостите за намалување на заостатокот на 30-21, но завршницата повторно им припадна на ракометарите на Вардар за двоцифрена победа.

До победата Вардар го предводеа Филип Талески и Тимур Дибиров со по 10 гола, а седум постигна Ален Ќосевски. Со седум гола гостите ги предводеше Стахиња Симиќ, шест постигна Јане Јанчев.

Ова беше последен натпревар во „црвено-црниот“ дрес за браќата Оливие и Кевин Њокас, Патрик Валчак, Стефан Додиќ, Бакари Диало, и Жереми Тото па ракометарите добија и врамени дресови од Вардар како поклон. На спротивната страна благодарница доби Јане Јанчев кој по три сезони во кавадаречкиот клуб следната сезона повторно ќе заплива во интернационалните води.

Се вчитува...