„Црвено-црна“ традиција: Вардар е претплатен на финалиња во СЕХА

ЕКИПА во Брест,

Томас Ѓоргиевски

Ракометарите на Вардар се подготвени за денешниот полуфинален натпревар од СЕХА-лигата против Загреб (18.30 часот), на кој „црвено-црните“ ќе се обидат да ја продолжат традицијата која вели дека македонскиот првак „по навика“ стигнува до големото финале од регионалното натпреварување. Имено, во претходните пет години „вардарци“ дури четири пати успевале да стигнат до финалниот дуел, при што два пати и се закитувале со пехарот во СЕХА. Исклучок е единствено Ф4 турнирот од пред две години во Веспрем, кога Вардар неочекувано беше поразен во полуфиналната пресметка со Брест Мешков.

Во првите три сезони од СЕХА-лигата „црвено-црните“ два пати стигнуваа до титулата, во 2012 и во 2014 година, додека во 2013, на турнирот што се одржа во Скопје по продолжение без поразени од денешниот ривал Загреб со 25-26.

Ова е шесто издание на Ф4 турнирите на СЕХА, а традицијата вели дека Вардар и Загреб редовно се среќавале на секое од овие натпреварувања, при што Вардар е во благо водство од 3-2 во досегашните пет пресметки. Серијата почна на премиерниот Ф4 во Загреб, каде „црвено-црните“ го изненадија фаворитот со победа од 30-29. Загреб возврати со победа среде Скопје во 2013 од 25-26, веќе следната година „вардарци“ го декласира овој противник во Нови Сад со 30-22. Во 2015 следеше нова победа на хрватскиот тим, во мечот за бронзениот медал од 26-23, за Вардар да слави во ланската полуфинална пресметка со 26-24.

Се вчитува...