ЦСКА без одговор за гранитната одбрана на Милано

ЦСКА Москва го претрпе вториот пораз на последните три домашни средби во Евролигата, губејќи на домашен терен од Олимпија Милано со резултат 57-67. Рускиот гигант не најде одговор за гранитната одбрана на италијанскиот вицепрвак, кој одлично ги затвори приодите кон сопствениот кош и на тој начин си го трасираше патот кон победата.

Милано одигра извонредно во првата четвртина, во која избраниците на Итудис постигнаа само 10 поени (10-23). ЦСКА беше подобар ривал само во втората четвртина (25-17), за Милано да доминира во преостанатиот дел од мечот. Русите не постигнаа ниту еден поен во првите три и пол минути од последната четвртина, период во кој италијанскиот гигант стигна до убедлива предност што ја претвори во рутинска победа во завршницата.

Очајниот шут од далечина (3/24 за тројка) беше една од главните причини за поразот, најефикасен кај ЦСКА беше Лундберг со 15 поени, додека стрелците на гостите од Милано ги предводеа Даниелс и Хол со по 13 постигнати поени.

Се вчитува...