ЦСКА ја доби битката во Милано, Реал му одржа лекција на Макаби

ЦСКА Москва по голема битка славеше на гостувањето против Милано со 85-90. Рускиот гигант влезе во мечот со скор 5-0 и успеа да го задржи епитетот на „непобедлив“ во елитното европско натпреварување откако подобро ги одигра последните пет минути од мечот. Италијанскиот шампион одлично парираше се до самата завршница, кога пресуди класата и искуството на избраниците на Итудис, кои ја добија последните четвртина со 19-27 на патот до новата победа. Кори Хигинс беше клучен играч со 23 поени, Де Коло постигна 18 за ЦСКА, а најефикасен во таборот на Милано беше Владимир Мицов со 24 поени.

Реал Мадрид покажа зошто е актуелен првак на Европа откако вечерва на гостински терен го декласираше Макаби со 66-87, за скор 6-0 рамо до рамо со ЦСКА. Мечот беше решен во втората четвртина што „кралевите“ ја добија со 8-23, потоа рутински контролирајќи го резултатот и уште повеќе зголемувајќи ја својата предност. Серхио Љуљ погоди пет тројки за вкупно 17 поени, Керол постигна 16 за Реал, а за одбележување е одличниот шут од далечина на европскиот шампион, кој вечерва погоди 15 од вкупно 31 упатена тројка (48,4%).

Баерн Минхен одигра неверојатен офанзивен натпревар, постигнувајќи 116 поени во победата над Дарушафака од 116-70. Турскиот тим само во првата четвртина парираше достојно (21-17), за во преостанатите 30 минути баварскиот гигант да го збрише противникот, за трета победа во шестиот евролигашки меч. Девин Букер постигна 18 поени, а Џедовиќ и Копонен по 16 за Баерн Минхен во оваа извонредна партија на актуелниот првак на Германија.

Се вчитува...