ЦСКА Москва донесе нов центар, член на поранешниот дрим-тим на САД

ЦСКА Москва донесе огромно засилување за центарската позиција, нешто што беше неопходно по новата повреда на Никола Милутинов. Нов член на рускиот гигант од денеска е поранешниот американски репрезентативец Кенет Фаријед, кој веднаш му се става на располагање на тренерот Итудис. Потпишаниот договор е со важност од два месеци, со можност за продолжување на соработката до крајот на сезонава.

Фаријед беше избран за 22. пик на НБА-драфтот во 2011 година од тимот на Денвер, каде остана во наредните седум години. Во 2018 тој е трејдуван во Бруклин, за таа сезона да ја заврши како член на Хјустон рокетс. Севкупно гледано, тој има одиграно 478 средби во НБА-лигата, со просек од 11,4 поени и 8,1 скокови по натпревар. Воедно, Кенет Фаријед беше член на американскиот дрим-тим на СП во 2014 година, каде имаше одличен просек од 12,2 поени и 7,7 скокови по натпревар.

„Чест ми е што станувам член на клубот од Евролигата што функционира на ниво на еден НБА-колектив. Среќен сум што сум овде, знам дека ќе дадам свој придонес за остварување на заедничките цели“, изјави Фаријед.

Се вчитува...