ЦСКА Москва доведе привремено засилување под обрачите

Акутелниот лидер на табелата во Евролига, тимот на ЦСКА Москва денес го официјализираше ангажманот на Американецот Виктор Руд. Крилниот центар потпиша договор кој важи само еден месец, но доколку покаже добра игра раководството на рускиот гигант ќе му понуди да остане до крајот на сезоната.

Руд доаѓа како привремено решение бидејќи стратегот Итудис мака мачи со повреди на своите играчи, особено на високите позиции каде недостасуваат Отело Хантер и Кајл Хајнс.

„Одлучивме да го ангажираме Руд пред се поради проблемите кои ги имаме со повреди на центарските позиции. Тој е искусен играч, има „вкусено“ и руска кошарка, исто како и европска. Играше за Нижни Новгород, додека лани настапуваше со Макаби во Евролигата. Ќе ни биде доста корисен бидејќи е флексибилен на неколку позиции. Заедно со моите тренери ќе му помогнеме што побрзо да се адаптира на нашиот систем на игра“, истакна предводникот на „армејците“ Итудис.

26-годишниот кошаркар има искуство играјќи во најелитното клупско европско натпреварување носејќи го дресот на Макаби минатата сезона. До неодамна беше член на турскиот клуб Газиантеп, каде во Лигата на шампиони бележеше просек од 12.9 поени и 7.8 скока по натпревар, на вкупно 12 средби.

Се вчитува...