ЦСКА Москва рутински против Барселона во завршницата

Екипата на ЦСКА Москва оствари значајна победа над Барселона со резултат од 92-78 (24-24, 20-15, 22-19, 26-20),  во рамките од 10. коло во Евролигата. Избраниците на Итудис иако се мачеа да го скршат отпорот на „каталонците“ речиси 35 минути, не потфрлија пред својата публика и така се изедначија со Олимпијакос по бројот на победи на врвот на табелата. Барселона четврти пат во низа доживува пораз од ЦСКА, додека по 10 меча има негативен рекорд во Евролигата, со само четири победи стојат на 10. место во регуларната сезона.

Двете екипи влегоа во расположено издание при првата делница, резултатот по 10 минути изнесуваше изедначени 24-24. Неизвесноста траеше до последните мигови од првото полувреме, кога ЦСКА успеа да направи каква – таква предност која мораше да ја сочува и по паузата. По две четвртини руската екипа водеше со 44-39, додека ја освоија и третата четвртина со минимални 22-19, но јасно беше дека ќе мора да го издржат притисокот на Шпанците до крајот со цел да не се посрамотат во своја сала.

Драмата на средбата се врати откако Барселона направи 5-0 серија кон почетокот на последниот период и намали на -4, но тоа беше максимумот од кошаркарите на Сито Алонсо. До крајот на средбата ЦСКА во главно преку линијата за три поени направи двоцифрена предност, која во тие моменти беше недостижна за Барса.

Вил Клибурн, Нандо Де Коло и Кори Хигинс беа најефикасните кошаркари во домашниот состав. Американецот забележа 22 поени, Хигинс застана на 20 поени, два помалку постигна Де Коло, но Французинот при тоа додаде и 11 асистенции. Во екипата на Барселона  Хертел (11 поени), Ханга (10 поени) и Копонен (10 поени) беа најрасположените играчи.

Се вчитува...