Цуцули: Вистинското мерило за овој тим на Шкендија ќе биде Европа!

Шкендија повеќе од заслужено сезонава стигна до својата прва двојна круна во историјата. Не се крие задоволството во таборот на тетовци и по освојувањето на трофејот во Купот на Македонија, но потенцираат дека мора брзо да се заборави сега еуфоријата и тимот итно да се фокусира на настапите во квалификациите за Лигата на шампионите.

„Секако задоволството е големо со освоената двојна круна. Но, сега тоа мора веднаш да го оставиме зад нас затоа што по кратката пауза не очекуваат настапите на европската сцена. Вистинското мерило за овој тим на Шкендија сега треба да бидат настапите во Лигата на шампионите. Сакаме на вистински начин да се претставиме во Европа, и секако што е можно подолго да останеме на европската сцена“ – вели дефанзивецот на Шкендија, Ардијан Цуцули.

Шкендија на 19. јуни ја очекува ждрепката за 1. квалификациско коло за ЛШ. Се уште тетовци се во очекување дали можеби ќе се најдат на носителската листа во квалификациите. Но, тоа ќе зависи од исходите на првенствата во Словенија и во Унгарија. Неопходно е Марибор и Видеотон да не стигнат до титулите во своите шампионати. Во спротивно македонскиот шампион ќе биде на листата на аутсајдери за првото квалификациско коло во ЛШ.

Се вчитува...