Цврста одбрана победи носи…Ристевски: Имаме рецепт за Захави и за Дабур

ЕКИПА во Израел,

Никола Ѓуровски

Фудбалот е комплексна игра, но резултатски можеме и многу да ја поедноставиме. Најважно, но од друга страна и најтешко, е да не се прими гол. И тоа не зависи само од одбраната, туку од активната игра на целиот тим. Најдобрите македонски фудбалери се подготвуваат за вечерашниот квалификациски натпревар против Израел во Бер Шева, петти во циклусот за ЕП 2020, и се надеваат дека ќе ја прекинат лошата низа. Овој дуел со Израел треба да биде пресвртница по двата порази дома против Полска и против Австрија.

Ако сакаш успех против „големите“, не треба да дозволиш да се тресе твојата мрежа. Цврста одбрана е рецептот за успех и вечерва против Израел, вели дефанзивецот Кире Ристевски.

„Нема да биде лесно, но веруваме дека можеме да оствариме позитивен резултат. Имаме квалитет, имаме и урнек како се победува Израел. Јасно е, цврстата одбрана треба да биде нашиот адут, не смееме да дозволиме да примиме први гол. Искрено, се надевам дека нема да се тресе мрежата на Столе Димитриевски. Го респектираме противникот, но веруваме во нашите квалитети. Еран Захави и Мунас Дабур се одлични напаѓачи, но имаме рецепт како да ги сопреме“, вели Кире Ристевски.

За Висар Муслиу враќањето во Израел е посебна инспирација, тој пред две години дебитираше во репрезентацијата на Македонија токму во триумфот (0-1) на Израелците во Хаифа. Верува дека и сега можеме до идентичен успех.

„Одбраната да биде цврста, да ги надиграме во средниот ред и да постигнеме гол или два. Лесно е на зборови, треба и да го одиграме на теренот. Веруваме дека можеме“, порачува Муслиу.

Петти предизвик во квалификациите за Европското првенство 2020 година за Македонија. По двата порази, време е Македонија да се врати „во живот“ со позитивен резултат во Бер Шева.

Се вчитува...