Тудор за гласините за враќањето на Конте: Не сум инфериорен во однос на никого

Тренерот на Јувентус, Игор Тудор ги коментираше гласините дека Антонио Конте од лето би можел да се врати на клупата на Јувентус, што ќе значи дека тој би останал без ангажман.

Конте, кој во моментов е дел од Наполи и се бори за титулата во Серија „А“, наводно имал несогласување со раководството на тимот поради засилувањата, но и поради заминувањето на Кварацхелија среде сезона.

И натаму е неизвесна иднината на Тудор, со оглед дека неговиот договор е до крајот на сезоната, и останува нејасно дали „Старата дама“ ќе ја активира опцијата за продолжување на договорот.

„Живеам од ден за ден и не размислувам за иднината. Не се чувствувам инфериорен во однос на никого. Мислам дека работам добро и покрај многу проблеми. Не е лесно кога не можеш да сметаш на играчи како Гати, Копмајнерс, Јилдиз, Камбијасо, Кели, и кога мораш да играш со играч помалку во два последователни меча. Секогаш мораме да одиме на победа. Јас сум првиот кој тагува ако тимот не победи, но верувам дека екипата прави се што може со оглед на околностите“, рече Тудор.

Се вчитува...