Селекторот на Англија, Томас Тухел, ги бранеше своите тактички одлуки по поразот од Аргентина (2-1) во полуфиналето на Светското првенство 2026.
Германецот изјави дека не жали за никаква промена и дека ја презема целата одговорност врз себе.
На прес-конференцијата пред натпреварот за третото место против Франција во Мајами, германскиот стручњак призна дека неговиот тим станал премногу пасивен кон крајот на натпреварот, но нагласи дека не мисли дека одлуките биле погрешни.
„Ако некого треба да го обвинат, тоа сум јас. Јас сум тренер и ја преземам одговорноста. Но, не жалам за моите одлуки, ги донесов врз основа на искуство, инстинкт и желба да му помогнам на тимот да победи. За жал, резултатот не беше онаков каков што сакавме“, рече Тухел.
Англија водеше со 1-0 до 85. минута, но Аргентина, предводена од Лионел Меси, успеа да го сврти резултатот и да се квалификува во финалето.
Тухел објасни дека одлуката неговиот тим да премине на формација од пет играчи е донесена за да се спречат нападите на Аргентина.
„По нашиот гол, Аргентина играше со многу повеќе ритам. Не успеавме да ги спречиме центрирањата или нивните играчи да влезат во шеснаесетникот. Затоа преминавме на систем со петмина во одбраната за да ги затвориме крилата. Сепак, станавме премногу пасивни, додека Аргентина го подигна нивото на игра“, објасни тренерот.
Тој се осврна и на критиките, кои ги изнеси дури и претседателот на САД, Доналд Трамп, дека капитенот Хари Кејн играл многу дефанзивно на крајот од натпреварот.
„Кога се браните во низок блок, тоа е нормално. Не бевме доволно активни, но тоа не беше одлука што се однесуваше само на Кејн“, рече Тухел.
Селекторот на Англија верува дека физичката подготовка на неговиот тим била под влијание на исцрпувачките натпревари против Мексико и Норвешка.
„Иако не сакаме да звучи како изговор, натпреварот против Мексико на голема надморска височина, кога игравме со еден играч помалку долго време, како и дуелот со Норвешка во голема жештина, оставија последици. Играчите дадоа апсолутно сè на секој натпревар“, истакна Тухел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
