Тухел: Не можам да престанам да го гушкам Канте

Томас Тухел експресно најде начин да го извлече максимумот од голем дел од фудбалерите на Челси, но германскиот стратег не крие кој играч му е омилен. На денешната прес-конференција пред реваншот со Реал Мадрид Тухел упати најголеми комплименти на адреса на Нголо Канте, големиот борец кој врши фантастична работа за Челси на средината од теренот.

„Не можам да престанам да го гушкам Канте, тој треба да се навикне на таквиот однос од мене како тренер. Го гледам како работи на тренинзите, насмеан, комуницира со сите, но крајно одмерено, многу срамежлив, но и максимално културен. Пресреќен сум што фудбалери како него воопшто постојат, но уште позадоволен сум што го имам во својот тим. Такви играчи ви требаат во екипата ако сакате да освојувате трофеи“, истакна Тухел.

Тој обелодени и дека го барал Канте во ПСЖ додека беше тренер на оваа екипа.

„Сакав да го донесам во претходните клубови каде што работев, бидејќи знаев за каков играч станува збор. Сега тој е мој играч и сигурно нема да го пуштиме да си замине“, порача стратегот на Челси.

Се вчитува...