Тухел: Немам „план Б“ ни за Нејмар ни за Кавани

Стратегот на ПСЖ, Томас Тухел, се соочува со исклучително тешка задача да го „закрпи“ тимот на „светците“ за дуелот против Манчестер Јунајтед што ќе се игра во вторник на „Олд Трафорд“. Нејмар дефинитивно е загубен до крајот на март, а проблем повеќе за Тухел претставува повредата на Кавани, кој се пожали на болка во мускулот откако од пенал го постигна победничкиот гол на дуелот со Бордо.

Ако на ова се додаде дека повреден е и Марко Верати, јасно е дека „светците“ ќе мора да се снаоѓаат без тројца клучни фудбалери за пресметката со тимот што се наоѓа во најдобра форма во фудбалска Англија.

„Мене како тренер ми е работа секогаш да имам „план Б“ околу играта на екипата и тоа ќе го смислам и за Манчестер. Но дали може да се има „план Б“ за играч што би заменил ас како Нејмар, или светски голгетер како Кавани. Тоа е невозможно, згора на тоа го немаме ниту Верати, што дополнително ќе ни ја отежни работата“ – истакна Тухел.

Дуелот со Бордо поради повреда на главата го пропушти и десниот бек Муние, за кого сепак постои шанса да се појави на теренот на „Олд трафорд“.

Се вчитува...