Тухел: Победа на „Олд Трафорд“ е еден од најтешките предизвици во фудбалот

Пари Сен Жермен, финалистот во Лигата на шампионите од минатата година, се наоѓа пред еден од најтешките испити сезонава. Нејмар, Мбапе и останатие ѕвезди на ПСЖ, се соочуваат со огромен ризик да бидат елиминирани во групната фаза од елитното европско натпреварување доколку не го совладаат Манчестер Јунајтед, а овој дуел е закажан за вечерва на „Олд Трафорд“ (21 часот) во претпоследното коло од групата Х.

На две кола пред крајот, тимот на Томас Тухел го дели второто место со Лајпциг (по шест бода), зад Манчестер Јунајтед, кој има девет.

„Победа на „Олд Трафорд“ е еден од најтешките предизвици во фудбалот. Во зависност од резултатот на натпреварот во Истанбул, ова би можело да биде нашето финале. Треба да се подготвиме за голема битка“ – изјави тренерот на ПСЖ, Тухел, кој остана без дефанзивците Керер и Бернард.

Манчестер Јунајтед е единствениот тим во групата Х што може вечерва да обезбеди пласман во следната фаза. Тимот на Солскјер и со реми може да се „бетонира“ на првите две позиции во групата, кои овозможуваат продолжување на патот кон европскиот сон.

Се вчитува...