Тухел се тресе, следниот „кикс“ ќе значи и отказ

Само еден пораз беше доволен за повторно да се запали алармот во ПСЖ, па Томас Тухел повторно да стравува за своето работно место. Германскиот стратег ја доби довербата и покрај лошите игри и резултати кон крајот на сезоната, но неделниот пораз од Рен повторно ги врати на површина сомнежите дека Тухел не е вистинскиот стратег за „светците“ и дека под негово водство нема шанси да се оствари големиот сон на Ал Келаифи – трофеј во Лигата на шампионите.

Француските медиуми тврдат дека управата на клубот е со став – наредниот „кикс“ на тимот да значи и тренерска смена. Директорот Леонардо во моментов е насочен на преговорите со Нејмар, но повеќе од јасно е дека Тухел ја нема неговата целосна поддршка. По завршувањето на преодниот рок се очекува да дојде до детална анализа на сработеното, а добро упатени извори во ПСЖ тврдат дека ќе биде чудо доколку Германецот остане на чело на стручниот штаб до крајот на 2019 година.

Одлуката на Леонардо би ја олеснил и фактот дека на пазарот има врвни слободни тренери. Жозе Мурињо повторно се споменува како сериозна опција, Португалецот не крие дека би сакал што поскоро да му се врати на фудбалот, а со ПСЖ ќе има можност повторно да атакува на европскиот трон. Главен ривал на „специјалниот“ во оваа трка ќе биде Масимилијано Алегри, кој е слободен за ангажман откако летово ја напушти клупата на Јувентус.

Се вчитува...