Челси оваа сезона нема да стигне до трофејот во Премиерлигата, но „сините“ на Томас Тухел се уште се во игра за трофеи, меѓу кои е и пехарот во ФА Купот, но составот од „Стемфорд Бриџ“ прво ќе мора да помине покрај најдобриот состав на „Островот“ оваа сезона, Манчестер Сити.
Двата тима негуваат сличен стил на игра, а германскиот стратег на клупата на лондонскиот состав ја знае опасноста, но и знае што треба да направи за денеска неговиот состав да се радува на победа.
„Очекувам многу тежок натпревар со висок интензитет. Сити има јасен стил на игра. Ја сака топката во своите нозе, сака посед, сака да игра висок пресинг. Но, и ние го сакаме истото, така да ќе мораме да се бориме во овој сегмент од играта. Ќе биде потребно да бидеме многу храбри“, изјави Тухел.
По седнувањето на Германецот на клупата на составот од „Стемфорд Бриџ“, Челси игра препородено и бележи фантастични резултати, но и покрај тоа прекасно е „сините“ да се приклучат во борбата за титула. Сепак, како што вели Тухел, следната сезона овој Челси ќе го брка манчестерскиот состав од првиот ден.
„Мораме да прифатиме дека моментално помеѓу нас и Сити постои голема разлика. Доколку го погледнете првиот натпревар оваа сезона (3-1 за Сити на „Стемфорд Бриџ“), како и натпреварите во претходните години, едноставно мораме да го прифатиме тоа. Но, важно и во исто време да не се потценуваме себеси. Затоа од следната година од првиот ден ќе ги „ловиме“ и ќе се обидеме да го пополниме таа разлика. Тие се репер. Моето мислење е дека во Европа постојат два тима кои треба да ни бидат пример: Баерн Минхен и Манчестер Сити“, додаде тренерот на „сините“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА