Турчинот Хајати Сојдаш, нов тренер на Шкупи

Турскиот стратег Хајати Сојдаш е именуван за нов шеф на стручниот штаб на македонскиот прволигаш Шкупи. Тој доаѓа на местото на Зекирија Рамадани, кој си замина по слабиот старт на шампионатот на тимот од Чаир. 52-годишниот Сојдаш потпиша едногодишен договор со раководството на клубот и ќе се обиде да ги исполни зацртаните цели за излез на европска сцена.

Сојдаш во својата кариера бил асистент во Анкарагучу, Генчлербирлиги, Газијантеп, Манисаспор, Сиваспор, Адана Демирспор, а како главен тренер ги предводел турските екипи ББ Анкараспор, Анкарагучу, Санлиурфаспор и Беледијеспор.

„Ги погледнав двата последни меча на Шкупи и можам да кажам дека тимот има квалитет. Треба да се подобрат одредени елементи, но ќе имаме време за тоа во наредниот период. Сега треба да се запознаеме подобро и да се подготвиме за следниот првенствен предизвик“, изјави новиот тренер, Хајати Сојдаш.

Се вчитува...