Турција е прв испит за подмладената Македонија

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва (19 часот) во подмладен состав ќе излезе на мегдан со Турција, во првиот од четирите контролни натпревари што „црвено-жолтите“ ќе ги играат во рамките од оваа ЕХФ-седмица. На помалку од три месеци до почетокот на ЕП 2020, селекторот Данило Брестовац реши да ја искористи оваа седмица за да им даде шанса на помладите ракометари да се наметнат за место во тимот за европскиот шампионат. Токму затоа, Македонија првите две средби ќе ги игра со значително подмладен состав, со само неколку поискусни ракометари во тимот.

Турција беше ривал на Македонија и во последниот квалификациски циклус во кој „црвено-жолтите“ забележаа две тешки победи, па јасно е дека со комбиниран состав нема да биде нималку лесно да се стигне до триумф на овој дуел. Како и да е, најважно треба да биде искуството што младите ракометари ќе го добијат во овој период.

Овие средби дефинитивно ќе бидат од огромно значење за нас помладите, бидејќи добиваме шанса што треба да си ја искористиме максимално. Турција е солидна репрезентацација, вистински противник за овој наш состав. Добро се познаваме со соиграчите, верувам дека тој наш однос ќе ни биде од голема корист“ – изјави голманот Мартин Томовски.

„Црвено-жолтите“ утре исто така во Турција ќе се сретнат со селекцијата на Италија, а по враќањето во Скопје, засилени со дел од поискусните ракометари в петок и в сабота ќе одиграат две контролни средби со репрезентацијата на Грузија.

Се вчитува...