Турците воодушевени: Елмас блесна како „дијамант“ во Лисабон

Фенербахче претрпе минимален пораз на гостувањето против Бенфика, но турскиот гигант си ги задржа шансите со триумф на реваншот во Истанбул да направи чекор напред кон групната фаза од Лигата на шампионите. Медиумите во Турција не го оценуваат поразот како трагичен, барајќи во него позитивни моменти – а еден од најпозитивните дефинитивно беше настапот на Елиф Елмас во неговото европско деби во дресот на Фенер.

Тренерот Филип Коку ги реализираше најавите дека ќе му ја даде на Елмас потребната слобода во тимот, а македонскиот репрезентативец одговори на најдобар можен начин, па беше меѓу најзабележителните играчи на Фенербахче на теренот.

Дијамантот Елмас блесна во Лисабон“ – е еден од насловите во турските медиуми, во кој се величи настапот на овој млад играч на стадионот со 60.000 португалски фанови, импресивна атмосфера под која Македонецот не подлегна, туку одигра на висина на задачата.

Педантните статистичари пресметаа дека тој имал 37 допири со топката, а додавањата му биле со 76% успешност, солиден процент со оглед на фактот дека неговиот тим речиси цел натпревар се бранеше во Лисабон. Се посочува и дека токму поради ваквиот тимски пристап Елмас имал проблеми да тргне во напад, но потенцијалот на „дијамантот“ од Македонија бил очигледен и на овој исклучително тежок дуел.

По ваквата партија, се очекува Елмас да биде стартер и на реваншот во Истанбул, на кој Фенербахче ќе се обиде да ја надополни минималната негатива од Лисабон.

Се вчитува...