Уапсен репрезентативец кој конкурира да игра на годинашново СП

Поранешниот напаѓач на младите холандски репрезентации, Најџел Роберта е уапсен во Белгија во врска со дистрибуција на дрога. Полицијата во Антверпен го потврди апсењето на 27-годишен маж, и откри детали за овој инцидент.

Според информциите, на 10 јануари, полицијата го забележала Роберта кој се однесувал агресивно во населбата Дерне. Тој се движел нервозно во областа и накратко влегол и излегол од автомобил. Кратко време подоцна, автомобилот бил запрен на преглед, при што станало јасно дека возачот купил кокаин од дотичниот. За време на последователниот претрес, кај осомничениот биле пронајдени 23 грама кокаин и 150 евра во готовина. 

Полицијата подоцна спроведе два претреси во неговиот дом, од кои во еден од нив беа пронајдени над 5.000 евра во готово. Човекот беше изведен пред суд и ослободен со кауција. 

Роберта е поранешен играч на Феенорд, Камбург, Левски Софија, Ди Си Јунајтед, Итихад Калба, АЕЛ Лимасол, а од 2025 година е дел од Спартак Суботица. Тој играше за младите селекции на „лалињата“ и важеше за еден од најголемите таленти. Играше за селекциите до 15, 16, 17 и 18 години. Најголем впечаток остави во селекциите до 17 години, каде одигра 12 меча. Сепак, откако не доби шанса за настапи во сениорската селекција, тој се одлучи да го прифати повикот за Курасао, селекција која ќе игра на Светското првенство.

Иако нема ниту еден настап, сепак, беше во конкуренција за оваа селекција во 2021 година во Голд Купот.

Се вчитува...