Уапсено 12-годишно дете за расистички закани кон Заха

Британската јавност е во шок откако полицијата објави дека е уапсено 12-годишно момче поради расистички закани упатени кон асот на Кристал Палас, Вилфред Заха.

Крилниот офанзивец на Палас вчера објави „стори“ на инстаграм – „Се разбудив утрово за да го правам ова…“, по што неочекувано следеа закани на негова адреса: „Подобро ќе ти биде да не дадеш гол утре, ти црна п..ко…“ и „ќе ти дојдам дома облечен како дух“.

Полицијата денеска објави дека по истрагата за случајот уапсено е 12-годишно лице од Солихул.

За проблемот на прес-конференцијата по дуелот на „Вила Парк“ говореше и стратегот на Кристал Палас, Рој Хоџсон.

„Важно е играчите и фудбалските клубови да ја кренат свесноста говорејќи за заканите со кои се соочуваат. Важно е во период на кампањата „Black Lives Matter“ сите гласно да го осудат расистичкото однесување. Жално е што на ден на натпревар ние говориме за вакво кукавичко однесување и заканување, но Заха е во право што самиот го обелодени инцидентот. Тоа не е нешто што треба да се премолчува“, истакна Хоџсон.

Се вчитува...