Убав крај, со убедлив триумф над Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација со убедлив триумф (4-0) над Лихтенштајн ги заокружи квалификациите за Светското првенство во Русија. На крајот завршуваме на петтото место, со 11 бода, но само поради слабиот старт на циклусот и ’малерите’ кои не следеа во последните минути од некои мечеви кога ги губевме бодовите.

Вториот дел од циклусот, кога селекторот Игор Ангеловски ги доби сите расположливи сили, вклучи и дел од младите сили од селекцијата до 21 година, е патоказот како треба да се продолжи понатаму. Го има сега повторно и Аријан Адеми,кој вечерва му се врати на фудбалот по две години суспензија, и тоа со гол против Лихтенштајн.

Висар Муслиу го постигна првенецот во 36.минута, две минути подоцна својата серија голови ја продолжи Александар Трајковски. Во второто полувреме, стрелаа и Енис Барди и Аријан Адеми на овој меч.

Македонија тргна офанзивно од почетокот, прв се закани Пандев уште во втората минута, но неговиот шут успеа да го одбрани противничкиот голман Јеле. Потоа следеа два обиди на Барди, вториот од слободен удар, кој заврши во живиот ѕид.

Долго се плетеше мрежата пред голот на Лихтенштајн, и конечно бункерот беше разбиен во 36.минута. Алиоски изведе корнер од левата страна, Висар Муслиу скокна највисоко во шеснаесетникот и со удар со глава ја испрати топката во мрежата.

IMG_6438

Само две минути подоцна, одлична акција на нашата навална линија, истата врска од Торино, Пандев го проигра Александар Трајковски, а тој и на овој меч се запиша во листата на стрелците.

Во вториот дел, Несторовски се закани во 62.минута по проигрувањето од Пандев, но шутираше директно во голманот Јеле.

Тоа беше најава за третиот гол на Македонија, кој дојде четири минути подоцна. Трајковски одлично продре по десната страна, нафрли на вториот дирек, а Енис Барди со волеј-удар ја затресе мрежата на Лихтенштајн.

Аријан Адеми по двегодишна пауза за врати на теренот и по само шест минути во игра изведе фантастично шоу, сам ги ’измеша’ противничките фудбалери и погоди на вистинското место. Специјален, многу емотивен момент и за него, и за македонската фудбалска репрезентација. Во 68.минута, Македонија веќе имаше водство од 4-0. До крајот имавме уште неколку шанси, но и четири гола беа доволни за радост и убедлив триумф на крајот од квалификациите.

IMG_6280

МАКЕДОНИЈА – ЛИХТЕНШТАЈН 4-0 (2-0)

Стадион „Младост“ во Струмица. Гледачи: 3.000. Судија: Лорент Коприва (Луксембург). Стрелци: Муслиу 36’, Трајковски 38’, Барди 66’, Адеми 68’ (Македонија). Ж. Картони: Зајков (Македонија), Кауфман, Селе, Висер (Луксембург).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Зајков, Ристевски, Барди (76’ Дориев), Хасани (46’ Елмас), Алиоски, Трајковски, Несторовски, Пандев (64’ Адеми).

ЛИХТЕНШТАЈН: Јеле, Квинтанс, Малин, Кауфман, Гопел, Полверино, Бухел, Висер, Волфингер  (65’ Јилдиз), Брандл (72’ Ерне), Селе.

Се вчитува...