Струга ТЛ ја чува предноста на лидерската позиција во Првата македонска фудбалска лига, а Шкендија се враќа во трката за трофејот откако и двете екипи славеа на домашен терен во 25. коло од шампионатот. АП Брера му го нанесе и четвртиот пораз по ред на Работнички, а Македонија ЃП го шокираше Гостивар на гости со триумф од 1-4, за вклучување во трката за опстанок во елитата.
Струга ТЛ во второто полувреме го скрши отпорот на Воска Спорт и триумфираше со 3-1 за значајни три бода.
Се се случи во само седум минути на мечот. Најпрво во 56. минута Бесарт Ибраими донесе предност за стружани од 1-0, а Хоган во 60. минута зголеми и на 2-0. Марушиќ во 63.минута успеа да постигне гол за ублажување на поразот на охриѓани. Ибраими со убав гол во 80. минута за конечни 3-1.
Шкендија лесно славеше против Брегалница со 3-1. Тетовски експресно, уште во 7. минута дојдоа до предност од 1-0 против Брегалница на дуелот во Тетово.
Искористувајќи ја грешката на гостинската одбрана, Рамадани одлично асистираше до поранешниот фудбалер на АП Брера, Ване Крстевски кој убаво погоди од околу 12 метри.
А, веќе во 18. минута, Крстевски одлично асистираше а Адеми од непосредна близина донесе водство за Шкендија и од 2-0.
Во второто полувреме, Шаља во 56. минута зголеми на 3-0, за да тетовецот Ремзифаик Селмани со најубавиот гол на мечот во 78. минута успее само да го ублажи поразот на Брегалница за 3-1.
Во 89. минута Красниќи извонредно шутираше од 25 метри, топката заврши во гредата а на одбиената топка натрча Аганспахиќ за конечни 4-1.
На дуелот во Гостивар, домашните неочекувано убедливо со 1-4 загубија од Македонија ЃП која сега сериозно се враќа во битката за опстанок во лигата.
„Лавовите“ ги шокираа домашните со предност уште во 14. минута од средбата. Од пенал погоди поранешниот репрезентативец Крсте Велкоски за водство од 0-1 на Македонија ЃП.
Но, во 30. минута исто така од пенал стрелаше Кехинде за 1-1.
Сепак, Македонија ЃП дојде до водство на полувремето со ефектниот гол на Стоилов во 43. минута од средбата. Балотели во 57. минута погоди за 1-3, а конечните 1-4 ги постави Величковски во четвртата минута од судиското продолжение.
И Работнички имаше водство од 0-1 на гостувањето против АП Брера на дуелот кој се одигра во Турново, но на крај загуби со 2-1 за четврти едноподруго пораз на составот на Гоце Седлоски.
„Романтичарите“ до водство дојдоа од пенал, со голот на Мазари во 15. минута од натпреварот.
Но, во 32. минута стрелаше Стамениќ кај струмичани за израмнување на 1-1.
Конечната победа за АП Брера ја донесе Олаосебикан со убав гол во 74. минута од натпреварот за 2-1.
ПРВА ЛИГА – 25. КОЛО
Турново: АП БРЕРА – РАБОТНИЧКИ 2-1
Стамениќ 32′, Олаосебикан 74′ – Мазари 15′(п)
Тетово: ШКЕНДИЈА – БРЕГАЛНИЦА 4-1
Крстевски 7′, Адеми 18′, Шаља 56′, Аганспахиќ 89′ – Селмани 78′
Струга: СТРУГА ТЛ – ВОСКА СПОРТ 3-1
Ибраими 56′(п), 80′, Хоган 60′ – Марушиќ 63′
Гостивар: ГОСТИВАР – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-4
Кехинде 30′(п) – Велкоски 14′(п), Стоилов 43′, Балотели 57′, Величковски 90’+4
ВЧЕРА
Скопје: ШКУПИ – ВАРДАР 3-0
Кавадарци: ТИКВЕШ – СИЛЕКС 1-1
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА