Најголемото македонско ракометно дерби заврши со триумф на Вардар. Во СЦ „Јане Сандански“, Вардар го совлада Е. Пелистер со 31:23 и го задржа максималниот учинок во Суперлигата, со девет победи во девет натпревари.
Ова дерби претставуваше и дуел меѓу тренерите, Иван Чупиќ кој го предводи Вардар и Лино Червар кој сезонава го презеде Е. Пелистер. На крајот ученикот беше подобар од учителот, Чупиќ најде начин како да ја неутрализира играта седум на шест која ја форсираше Червар.
Во воведните минути, голманите на двата тима беа во фокусот, дозволија само два гола во првите пет минути.
Првиот налет го направија вардарци кои направија мини серија од 3:0 со головите на Љевар и Митровиќ за водство од 5:2. До крајот на првиот дел, предноста на Вардар беше два или три гола.
Пелистерци во 23-та минута по голот на Кузмановски дојдоа на 11:10, а потоа и на 13:12 по голот на Нтанзи, за во последните минути со головите на Љевар и Фадуил на пауза да замине со предност од 15:12.
Во второто полувреме, вардарци брзо ја казнија играта седум на шест која ја форсираше Червар и дојдоа на плус пет 20:15 во 37-та минута. Во 42-та минута, по новата грешка на битолчани во нападот, Стојановски го погоди празниот гол за 22:16. Кузмановски во следниот напад погоди за 22:17, но Вардар одговори со серија од 3:0 за водство од 25:18.
До крајот, шампионот рутински ја одработи работата за голема победа од 31:23 и задржување на перфектниот скор.
Љевар со седум гола од седум шута беше најпрецизен кај Вардар, шест даде Да Силва, четири Фадуил. Кај Пелистер, стандардно прво име беше Филип Кузмановски со девет постигнати голови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
