Удинезе не сака да плати пет милиони евра за Несторовски

Илија Несторовски речиси сигурно ќе си замине од Палермо во текот на летово, но сицилијанскиот клуб има проблем да најде соодветен купец за македонскиот ас. Удинезе е клубот што делуваше најсериозно во обидите да го ангажира Несторовски, но последните информации говорат дека преговорите се блокирани бидејќи „фриулијаните“ одбиваат да платат пет милиони евра за овој голгетер.

Маурицио Зампарини лани одбиваше над десет милиони евра за Македонецот, но во недостиг на понуди летово ја спушти цената за половина од таа сума. Се чинеше дека станува збор за пари што Удинезе ќе ги плати за да донесе квалитетен напаѓач, но претседателот Поцо останал на ставот дека во опција е само позајмица со која Удинезе целосно би ја покрил платата на Несторовски, во висина од 750.000 евра. Воедно, првиот човек на Удинезе одбива во договорот да биде вклучена клаузула за задолжително откупување на Несторовски наредното лето.

Челниците на Палермо не сакаат така лесно да се откажат од Македонецот, па доколку ставот на „црно-белите“ од Удине не се промени преговорите ќе бидат прекинати.

Претходно, понуда од пет милиони евра за услугите на Несторовски испрати турскиот прволигаш Анталија.

Се вчитува...