Удинезе во офанзива по Несторовски

Илија Несторовски повторно е актуелен на италијанскиот фудбалски пазар откако Удинезе реши да тргне во офанзива за да го доведе македонскиот голгетер во своите редови. Платата од 750.000 евра по сезона што ја зема Несторовски е голем товар за Палермо, сицилијанскиот клуб е решен да го продаде Македонецот летово, а и самиот Несторовски сака повторно да заигра во елитното италијанско фудбалско друштво.

Удинезе и минатото лето се интересираше за нашиот интернационалец, но тогаш Зампарини одбиваше и понуди од над 10 милиони евра, барајќи богатство за Македонецот. Сега ситуацијата е променета, цената на Несторовски падна на пет милиони евра, па „фриулијаните“ повторно се активираа во преговорите за сицилијанскиот ас. Офанзивата од Удине е со цел да се дојде што поскоро до потписот на Несторовски, со оглед на најавите дека Торино би можел сериозно да се вклучи во оваа трка доколку Белоти биде продаден во Наполи.

Претходно сериозен интерес за Илија Несторовски покажаа и турскиот прволигаш Анталија со понуда од пет милиони евра, но во моментов македонскиот голгетер е многу поблизу до останување на Апенинскиот полуостров.

Се вчитува...