УЕФА ги исфрли руските клубови од сите европски натпреварувања за следната сезона

Руските репрезентации и клубови ќе останат суспендирани од сите европски фудбалски натпреварувања и во пресрет на наредната сезона, одлучи Извршниот комитет на УЕФА на денешниот состанок.

Претседателот Александар Чеферин во изминатиот период истакнуваше дека се размислува за давање зелено светло за Русите да се вратат во европскиот фудбал, но по долга дискусија на крајот беше решено суспензијата изречена на 28 февруари да се продолжи и за наредниот период.

Ова практично значи дека руската репрезентација нема да се натпреварува во Лигата на Нации и автоматски ќе се пласира на последното 16. место во Лигата Б. Женската репрезентација нема да смее да учествува на ЕП што ќе се одржи во јули во Англија, како и во квалификациите за наредниот мундијал.

Поништени се и кандидатурите за оваа земја да биде домаќин на ЕП 2028 или на ЕП 2032 што Русија ги поднесе пред неколку месеци, а воедно е донесена одлука во сите европски натпреварувања да остане забраната за учество на руски клубови за сезоната 2022/23.

Се вчитува...