УЕФА го „стокми“ планот: Македонската репрезентација се враќа во септември, баражот против Косово во октомври

УЕФА веќе го подготви планот за репрезентативните натпревари до крајот на календарската година кој само треба да биде потврден на 17. јуни на состанокот на Извршниот комитет.

Јасно е дека престојнава есен ќе биде повеќе од активна за националните тимови кои ќе стартуваат со септемвриските натпревари од втората сезона во Лигата на нации. Македонија во Лигата Ц во септември се очекува да ги одигра првите две кола од новиот циклус, против Ерменија на 5. септември во Скопје и против Грузија на 8. септември на гостински терен. За октомври, пак, се предвидени 3. и 4. коло.

Со оглед на значењето на натпреварите, пак, бараж-пресметките за пласман на ЕП, односно полуфиналето и финалето, исто така ќе се играат оваа есен но во различни прозорци а не во неколку денови како што беше претходно планирано.

Македонија во октомври во Скопје треба да го игра и полуфиналето со Косово за пласман на ЕП, а денот Д околу пласман на собирот на најдобрите на Стариот континент, односно евентуалната финална пресметка против Грузија или Белорусија треба да се игра на почетокот од ноември. Во ноември ќе се одиграат и последните две кола од новата Лига на нациите.

Се вчитува...