УЕФА и Суперлигата блиску до нов договор – ЛШ добива нова револуционерна реформа

Речиси десет месеци немаше вести за Европската Суперлига, проект кој постојано се обидуваше да ги потресе темелите на фудбалот и да ја замени Лигата на шампионите.

Сепак, според информациите објавени од „Мундо Депортиво“, со месеци се водат интензивни преговори зад сцената помеѓу УЕФА, компанијата А22 (главниот промотор на Суперлигата) и претставниците на Реал Мадрид и Барселона.

Како што е наведено, разговорите траат осум месеци и резултираа со предлог што би можел да донесе големи промени, а воедно да го задржи името – Лига на шампиони. Според предложената структура, 36 клубови би се квалификувале преку националните првенства, но би биле поделени во две групи:

Група 1 (1-18 место на ранг-листата на УЕФА): најсилните клубови би играле меѓусебно осум натпревари, обезбедувајќи спектакуларни дербија речиси секоја недела.

Група 2 (19-36 место на ранг-листата на УЕФА): клубовите со пониски коефициенти исто така би играле по осум натпревари, против противници со сличен квалитет.

По првата фаза, осумте најдобри од првата група би оделе директно во осминафиналето. Останатите 16 клуба (комбинација од двете групи) би играле меѓусебно во осминафиналето – деветтиот од првата група против најслабиот од втората, и така натаму.

Целта на овој модел е да се зголеми конкурентноста и да им се обезбеди на повеќе клубови реална можност да се борат за европската титула. Една од клучните иновации би била UNIFY, дигитална платформа преку која натпреварите би се емитувале низ целиот свет.

Бесплатната верзија би била поддржана од реклами и локализирани реклами. Премиум верзијата би била без реклами, со месечна претплата. На овој начин, фудбалот би се доближил до пошироката публика, што би можело да предизвика вистинска револуција во начинот на гледање на европските натпреварувања.

Според достапните информации, новиот формат би можел да биде воведен во 2027 година, што се совпаѓа со истекот на тековниот циклус на телевизиски права за Лигата на шампионите.

Иако сè уште не е постигнат договор, изворите тврдат дека односите меѓу УЕФА и претставниците на Суперлигата се значително подобри отколку во претходните години. Сега на челниците од Нион е да одлучат дали да го прифатат предлогот што би можел да означи почеток на сосема нова ера во европскиот фудбал.

Се вчитува...