УЕФА има три сценарија за мечот Македонија – Косово

Челниците на УЕФА на денешните разговори со претставниците на националните федерации најмногу се фокусирале на домашните првенства, но дошло до дискусија и околу термините за претстојните репрезентативни настапи. За нас најважен е претстојниот дуел од Лигата на Нации против Косово, кој е историска шанса за Македонија со уште една победа потоа (против Грузија или Белорусија) да стигне до прво учество на едно големо натпреварување.

Мечот во Скопје требаше да се игра на 26 март, но беше презакажан за почетокот на јуни, за во меѓувреме и овој термин да биде откажан. Според последните информации, УЕФА разгледува три варијанти за одигрување на сите баражи од Лигата на Нации, вклучувајќи го и оној меѓу Македонија и Косово.

Првото сценарио е полуфиналните дуели да се играат во септември, а финалињата да бидат на програмата во октомври. Втората варијанта е полуфиналињата да се одиграат во октомври, а финалните дуели за билети за ЕП да се играат во ноември. Третата опција е финалињата да се играат три до четири дена по полуфиналните пресметки, двете во месец ноември.

Извршниот Комитет на УЕФА закажа нов состанок за четврток, кога се очекува и конкретна информација на оваа тема.

Се вчитува...