УЕФА не крева паника: Мечот Македонија – Косово не е „опасен по здравје“

Претстојните натпревари од плејофот од Лигата на Нации, меѓу кои и пресметката меѓу Македонија и Косово на 26 март во Скопје, ќе се одиграат во планираните термини, освен доколку не дојде до драматично ширење на коронавирусот во одредени земји ширум Европа. Ова е ставот на денешниот состанот на Извршниот Комитет на УЕФА, на кој било дискутирано и за најавите дека по одложените средби во неколку држави низ Европа, постои сериозна опасност такво нешто да се случи и со баражите од Лигата на Нации.

Медиумите ширум Европа информираат дека темата пред Извршниот комитет ја отворил претседателот Чеферин, но дискусијата траела само околу две минути. Сите биле со идентичен став – дека нема потреба од ширење на паника низ цела фудбалска Европа. Притоа, на земјите-домаќини на натпреварите и на здравствените организации од овие држави им се порачува будно да ја следат ситуацијата, за доколку дојде до зголемување на опасноста, да можат да бидат преземени дополнителни мерки.

Домашниот терен дефинитивно ќе биде наш значаен адут во полуфиналната пресметка против Косово. Триумф на овој меч ќе значи и пласман во финалето од Лигата на Нации, во кое на гостински терен против Грузија или Белорусија ќе се бориме за билет за ЕВРО 2020.

За утре е закажана ждрепката за новата фаза од Лигата на Нации, на која Македонија ќе биде дел од групите Ц. „Црвено-жолтите“ ќе бидат во вториот шешир од овие групи, па за ривали не можат да ги добијат Косово, Белорусија и Кипар.

Се вчитува...