УЕФА одлучи: Динамо Киев ќе мора да игра на „Камп Ноу“

Нaтпреварот од третото коло во Лигата на Шампионите меѓу Барселона и Динамо Киев ќе се одигра во предвидениот термин, утревечер во 21 часот, откако УЕФА донесе конечна одлука дека оваа средба нема да биде одложена.

Причина е добро позната, Украинците допатуваа во Шпанија без десетина првотимци откако коронавирусот длабоко навлезе во редовите на овој клуб. На списокот на тренерот Луческу има 13 фудбалери од сениорскиот тим, надополнети со шест играчи од младинската екипа. Минимумот според корона-протоколот на УЕФА за одржување на натпревар е 13 сениорски фудбалери во тимот, поради што денеска беше извршено ново тестирање пред да биде донесена конечната одлука.

Сите играчи на Динамо Киев беа негативни на тестовите, по што беше решено мечот да не се одлага. Јасно е дека Барса ќе има исклучително лесна задача да стигне до бодовите, но вреди да се потсетиме и дека истото важеше за Реал кога Шахтјор пред две седмици стигна без десетина првотимци во Мадрид, па украинскиот првак ги шокираше „кралевите“.

Се вчитува...