УЕФА покрена дисциплинска постапка против Баерн

Баерн загуби од Реал Мадрид (1-2) во првиот натпревар од полуфиналето во Лигата на шампионите и е далеку од пласман во финалето. А, сега уште е покрената и дициплинска постапка од УЕФА против германскиот гигант, заради инцидентите по натпреварот.

Сенка на дуелот на „Алијанц Арена“ фрлија инцидентите по завршувањето на средбата кога неколку навивачи втрчаа на терен и ги окупираа играчите. Упадот на навивачите непријатно ги изненади фудбалерите на двата тима, посебно Франк Рибери на кого еден од навивачите за малку ќе му го искинеше дресот.

Другиот навивач што влета на терен пак фаќаше „селфи“ со фудбалерите на Реал Мадрид.

Обезбедувањето броз реагираше и ги совлада непоканетите гости на теренот. А, УЕФА денеска објави дека заради влегувањето на навивачите на терен, ќе биде покрената дисциплинска постапка против Баерн. Германскиот великан ќе биде казнет и поради истакнувањето на транспарент против европската куќа на фудбалот.

Од УЕФА соопштија дека сигурно ќе го разгледаат случајот со истакнатиот транспарент на „Алијанц Арена“ преку кој навивачите на Баерн поради финансиските прашања во фудбалот и високите цени на влезниците, ја критикуваат работата на УЕФА.

Одлуката на УЕФА ќе биде позната на 31 мај, пет дена по финалето од Лигата на шампионите што ќе се одигра во Киев.

Се вчитува...