УЕФА потврди: Битките за ЛШ ќе се водат во Лисабон

Португалската метропола Лисабон ќе го организира завршниот турнир од фудбалската Лига на Шампиони, беше официјално одлучено на состанокот на Извршниот Комитет на УЕФА. Европската куќа на фудбалот е принудена да го промени системот за натпреварување, па наместо досегашниот нокаут-систем сега ќе биде организиран завршен турнир со осум најдобри екипи, од 12 до 23 август.

Четири од нив (ПСЖ, Атлетико Мадрид, Лајпциг и Аталанта) веќе го обезбедија пласманот во четвртфиналето, а по одигрувањето на реваншите од осминафиналето ќе бидат познати имињата на сите учесници на овој фајнал-ејт турнир. Следниот месец ќе биде одредено дали реваншите од осминафиналето ќе се играат во градовите на тимовите – домаќини, или пак на неутрален терен.

Претходно беше одлучено големото финале да се игра во Истанбул, но по одложувањето поради коронавирусот УЕФА реши сите натпревари од четвртфиналето, па се до големото финале да се играат на иста локација – избирајќи го Лисабон за идеална дестинација.

Фајнал-ејт турнир ќе биде организиран и во Лигата на Европа, и тоа во Германија, а дополнително ќе биде одреден градот – домаќин, во игра се Келн и Франкфурт.

УЕФА исто така ги одреди и градовите – домаќини на ЕВРО 2021: Рим, Баку, Копенхаген, Минхен, Лондон, Даблин, Амстердам, Букурешт, Будимпешта, Билбао, Глазгов и Санкт Петербург.

Се вчитува...