УЕФА размислува за одложување на сите мартовски репрезентативни натпревари: И Македонија – Косово под знак прашање!?

Се поинтезивното ширење на коронавирусот на европскиот континент, одлуката на италијанската Влада за комплетен карантин на целата земја и постојаното откажување спортски активности ширум Европа, се повеќе го активира размислувањето и на УЕФА за откажување на сите репрезентативни натпревар во март, а со тоа и бараж-натпреварите од Лигата на нациите за пласман на ЕП 2020.

Доколку се случи тоа, одложен ќе биде и натпреварот меѓу Македонија и Косово предвиден за 26. март. Засега нема таква официјална најава, но европските медиуми се понагласено пишуваат дека УЕФА и нејзините тела не се далеку од една таква одлука и покрај огромната борба на Европската куќа на фудбалот да не ги прекине своите натпреварувања.

Но, и доколку нема одложување на дуелите, се поизвесно е дека голем дел од тие натпревари, па и оној во Скопје, би се играле без публика.

Од ФФМ нагласуваат дека се следи целокупната ситуација во координација со Министерството за здравство, и дека во иднина ќе мора да се почитуваат сите мерки кои ќе ги донесе Владата на РСМ. За се ќе има и консултации и со УЕФА која ја следи состојбата во секоја земја посебно.

„Имавме и во Амстердам за време на Конгресот на УЕФА консултации на оваа тема. Може да кажам дека ние како федерација мора да ги почитуваме препораките од Владата и сигурно натпреварите од фудбалските лиги се до 13. март ќе се играат без публика. Засега натпреварот меѓу Македонија и Косово не е загрозен, што се однесува до терминот и играње со публика. Но, секако не се исклучува и можноста да се игра без публика, но се ќе зависи од одлуката на Министерството за здравство. Доколку има таква одлука ние ќе ја известиме УЕФА и во консултација и со Европската куќа на фудбалот дополнително ќе биде донесена одлуката. УЕФА ја следи состојбата и во сите други земји“ – истакна претходно портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.

А, билетите за натпреварот меѓу Македонија и Косово се веќе комплетно распродадени…

„Разговаравме и на таа тема со надлежните институции, па при една таква одлука тогаш на сите оние кои купиле билет без никаков проблем средствата ќе им бидат вратени“ – истакна Андоновски.

Се вчитува...