УЕФА реши: Нема суспензија за Диего Симеоне!

Диего Симеоне може да здивне откако УЕФА реши да му дозволи да го води тимот на Атлетико Мадрид на претстојното гостување против Јувентус, не изрекувајќи му суспензија за навредливата прослава на првиот гол од дуелот во Мадрид со „старата дама“.

Дисциплинската постапка против стратегот на Атлетико заврши само со парична казна од 20.000 евра што Симеоне ќе треба да ја плати. Неговото однесување не беше пријавено од делегатот и судиите, но УЕФА реши да го казни врз основа на прегледување на видео-снимката. Во предвид беа земени и изјавите на Симеоне дадени наредниот ден, кога Аргентинецот посочи дека славјето не било навреда за ривалите, туку само покажувал радост што „неговиот тим имал м..иња“.

Атлетико Мадрид забележа победа од 2-0 по првиот меч со Јуве, но по елиминациите на Реал Мадрид и на ПСЖ, јасно е дека ништо не е сигурно во битките за четвртфинале од елитното европско натпреварување.

Се вчитува...