УЕФА со одлука: Македонските клубови домаќини на Кипар во европските купови

Македонските клубови нема да можат да бидат домаќини на европските натпревари на своите стадиони, откако УЕФА донела одлука сите екипи од регионот своите домашни средби да ги играат на Кипар. За оваа варијанта се дискутираше уште пред петнаесетина дена, но според весникот „Спортски Журнал“ одлуката е веќе донесена, а прашање е дали ќе биде обелоденета пред ждрепката, или откако ќе бидат извлечени двојките за првите рунди од квалификациите за Лигата на Шампионите и за Лигата на Европа.

Таа се однесува за екипи од Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора и Албанија, кои поради големиот број на заразени во државите и рестрикциите за патување кон голем дел од Европа се „непогодни“ за организација на европски натпревари. Веќе е стапено во контакт со Фудбалската Федерација на Кипар, која е подготвена да ги обезбеди стадионите според најстрогите протоколи и да обезбеди организациска логистика.

За потсетување, во првите рунди од квалификациите ќе се игра само по еден натпревар, а домаќинот ќе биде одреден со ждрепка. Доколку македонските клубови бидат извлечени за домаќини, ќе мора да играат на Кипар, а доколку треба да бидат гости местото на одигрување е неизвесно во зависност од тоа дали за ривал ќе има екипа од земја која ги има отворено или затворено границите за македонските граѓани.

Силекс ќе биде претставник на мак-фудбалот во квалификациите за ЛШ, додека Шкендија, Шкупи и Ренова ќе се натпреваруваат во квалификациите за Лигата на Европа. Ждрепката за првите квалификациски рунди е закажана за понеделник.

Се вчитува...