Европската фудбалска федерација (УЕФА) ја казни Црвена ѕвезда со вкупно 83.500 евра поради инцидентите на натпреварот против Копенхаген (2-2), одигран на 22 октомври во рамките на Конференциската лига.
На следниот европски натпревар, белградскиот клуб ќе мора да затвори дел од северната трибина на стадионот „Рајко Митиќ“ за своите навивачи. Најголемата поединечна казна, во износ од 52.500 евра, е изречена поради истакнување порака која не е соодветна за спортски настан. Поради употреба на пиротехника, Црвена ѕвезда ќе мора да плати дополнителни 6.000 евра.
УЕФА посебно го санкционираше расистичкото и дискриминаторско однесување на навивачите на „црвено-белите“. Поради тој прекршок, активирана е претходно изречената условна казна, која беше донесена од Жалбеното тело на УЕФА на 25 август 2026 година. Ова значи дека Црвена ѕвезда ќе мора да го затвори секторот 3 на северната трибина на следниот натпревар под покровителство на УЕФА, на кој ќе биде домаќин.
Дополнително, УЕФА изрече нова парична казна од 25.000 евра, како и дополнителна мерка затворање на секторот 2 на северната трибина на еден европски натпревар. Сепак, оваа втора мерка за затворање на трибината е условна, со пробен период од две години, сметано од денот на донесување на одлуката. Доколку во тој период навивачите на Црвена ѕвезда повторат прекршок од слична природа, УЕФА може да ја активира и оваа санкција.
Според тоа, Црвена ѕвезда ќе мора да плати вкупно 83.500 евра, додека затворањето на секторот 3 на северната трибина е задолжително уште на следниот европски натпревар во Белград. Затворањето на секторот 2 засега останува како условна казна.
Одлуката е донесена од Жалбеното тело на УЕФА, врз основа на членовите 14 и 16 од Дисциплинскиот правилник на европската фудбалска куќа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
