Еден навивач на Реал Мадрид од Словачка, тврди дека тој и неговиот син биле исфрлени од трибините на „Камп Ноу“ откако го прославиле првиот гол на Килијан Мбапе во „Ел Класико“. Реал победи со 1-2 благодарение на головите на својот најдобар стрелец, но Словаците во живо на стадионот го видоа само првиот гол. Наместо да го следат натпреварот од трибините, тие го догледаа крајот преку своите мобилни телефони, додека се возеа во такси. Словакот го раскажа целиот случај за „Марка“, по што приказната стана вирална.
Словакот сакал да му приреди посебно доживување на својот син за неговиот 18-ти роденден заедничко патување на најголемото шпанско дерби. Тој објаснува дека тргнале од Прешов, патувале околу 300 километри до Будимпешта, а оттаму одлетале за Барселона.
Со нив биле и пријатели на семејството татко и син, кои пак се навивачи на Барселона. Словакот платил вкупно 5.600 евра за четири билети од прва категорија, односно 1.400 евра по билет. Нивните места биле во секторот 113, меѓу навивачите на домашниот тим.
Според Словакот, првите проблеми се појавиле уште на влезот на стадионот. Тој тврди дека обезбедувањето не им дозволило да влезат облечени во дресови на Реал и им предложило да ги фрлат во канта за отпадоци. Таткото и синот одбиле. Тие ги собрале дресовите во ранец, а потоа ги облекле откако седнале на своите места, околу 20 минути пред почетокот на натпреварот.
Тој тврди дека ги носеле дресовите околу еден час пред да интервенира обезбедувањето. Тој ја отфрла можноста дека намерно ги истакнале дресовите по постигнатиот гол, со цел да ги испровоцираат домашните навивачи. Според неговата изјава, инцидентот се случил откако Мбапе постигнал гол, некаде околу 40. минута. Таткото и синот станале, се прегрнале и го прославиле голот, по што до нив дошле десетина припадници на обезбедувањето и ги отстраниле од трибината.
Првично, според него, им било кажано дека можат да се вратат на своите места доколку ги соблечат дресовите на Реал. Сепак, откако припадникот на обезбедувањето разговарал со своите претпоставени, таа можност наводно била отфрлена.
Откако биле отстранети од стадионот, интервенирала и полицијата, која им ги проверила документите и составила записници. Според описот на Словакот, во нив се споменува истакнувањето на дресовите и провоцирањето на навивачите на Барселона, а нивното однесување е окарактеризирано како насилно или како поттикнување на насилство. Таткото ги отфрла овие обвинувања и бара да се прегледаат снимките и да се сослушаат сведоци.
Според него, проверките траеле околу 45 минути. Во тоа време, тој го следел натпреварот на својот мобилен телефон, а откако го напуштиле стадионот, тој и неговиот син со такси заминале до станот во кој престојувале. Остатокот од „Ел Класико“ го гледале на екраните од своите телефони.
Словакот тврди дека побарал враќање на парите, но му било кажано да поднесе официјална жалба до Барселона.
ВИДЕОТО ОД ЦЕЛАТА СИТУАЦИЈА МОЖЕТЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
