Украина му „лежи“ на Лазаров, знае да „распука“ и Талески

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Македонскиот национален тим максимално подготвен го дочекува стартот на ЕП 2020, што „црвено-жолтите“ ќе го отворат со домашен натпревар против селекцијата на Украина. Барем на хартија Македонија ќе ја има фаворитската улога, тоа ќе мора да се оправда и на терен, а „црвено-жолтите“ се убедени дека ќе успеат да ги повторат игрите од последните две средби со овој ривал, во рамките од квалификациите за ЕП 2018.

На овие две средби Украинците не можеа да најдат начин да го запрат Кире Лазаров, кој им даде вкупно 18 погодоци, а на дуелот во Украина блесна и Талески, чија помош ќе биде неопходна за да се стигне до добар резултат на овој европски шампионат.

Првиот натпревар го одигравме на 2 ноември 2016 година, при што Македонија рутински триумфираше со 27-21. Во главна улога беше Кире Лазаров, кој одигра фантастично и постигна 12 погодоци, а шест пати прецизен беше Манасков. Три гола на овој меч постигна Талески, два Стоилов, а по еднаш мрежата на Украинците ја затресоа Кузмановски, Нелоски, Георгиевски и Прибак. Козакевич и Жуков со по четири гола беа најефикасни во таборот на Украина.

Гостувањето во Украина на 15 јуни 2017 година заврши без победник, 27-27, бод што беше доволен за да се осигура пласманот на ЕП 2018. Македонија по првото полувреме имаше водство од 14-18, но по значителниот пад во играта на крајот дојдовме само до реми. Лазаров беше најефикасен и на овој натпревар со осум гола, Талески постигна пет, а по четири пати мрежата на противникот ја затресоа Манасков, Миркуловски и Стоилов.

Се вчитува...