Украинците жестоко го нападнаа ИОК: Тие пропагираат геноцид

Украинското претседателство го обвини Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) дека е „промотор на војна и геноцид“ бидејќи размислува да им дозволи на руските спортисти да учествуваат на ЛОИ во Париз во 2024 година под неутрално знаме.

Украина е под руски напад од февруари 2022 година, а официјален Киев бара на спортистите од Русија и Белорусија, сојузник на Кремљ, да им се забрани учество на Олимпијадата во Париз во 2024 година.

„ИОК е промотор на војна, убиства и уништувања. МОК со задоволство гледа како Русија ја уништува Украина, а потоа и нуди на Русија платформа за промовирање на геноцидот врз Украинците. Очигледно е дека парите со кои се купува олимписко лицемерие мирисаат на украинска крв. Нели, господине Бах?“, напиша претседателскиот советник Михаило Подолиак на својот профил на Твитер. 

ИОК во средата соопшти дека „размислува“ да им дозволи да учествуваат под неутрално знаме, додека Русите и Белорусите се забранети од повеќето меѓународни натпревари од почетокот на инвазијата.

Овие предлози предизвикаа бес кај Украинците. Претседателот Володимир Зеленски го осуди „лицемерието“ на ИОК и го покани Томас Бах да го посети Бахмут, една од жешките точки во војната со Русија.

Се вчитува...