Уметноста на Баерн – цел прв тим чини 50% од трансферот на Нејмар (ФОТО)

Баерн Минхен вечерва ќе излезе на мегдан со ПСЖ во битка за тронот на европскиот фудбал, пресметка на две сосема спротивни фудбалски филозофии и кога станува збор за водење на европските гиганти.

„Светците“ од Париз потрошија над милијарда евра откако катарските газди пристигнаа во клубот, овој тим ги има двата најскапи трансфери во историјата (Нејмар од Барселона и Мбапе од Монако), што е апсолутна спротивност од начинот на функционирање на Баерн Минхен.

Впрочем, најдобар доказ за тоа е фактот дека Баерн севкупно за 11-те фудбалери кои се очекува да стартуваат вечерва (истиот тим од четвртфиналето и полуфиналето во Лисабон) платил „само“ 105,6 милиони евра, или двојно помалку од сумата што ПСЖ ја потроши за Нејмар.

Роберт Левандовски пристигна од Борусија Дортмунд без никаква отштета, исто како и Горецка од Шалке, а интересно е што најскап играч во овој тим на Баерн е голманот Нојер, за чиј трансфер уште пред девет години беа платени 30 милиони евра. Џошуа Кимих пристигна од Лајпциг за осум милиони евра, исто колку и Гнабри, кој дојде во Минхен од редовите на Вердер. За позајмицата на Иван Перишиќ од Интер беа платени пет милиони евра, додека Томас Милер е дете на Баерн кое ги мина сите младински категории пред да блесне на сениорската сцена.

Во средниот ред крај Горецка е уште и Тијаго, чиј трансфер чинеше 22 милиони евра, сума што ќе биде наплатена со камата доколку се реализира трансферот на овој фудбалер во Ливерпул.

Заедно со Нојер во 2011 година на „Алијанц Арена“ пристигна и Џером Боатенг, чиј трансфер од Манчестер Сити чинеше 13,5 милиони евра. Давид Алаба беше потпишан како тинејџер од Австрија Виена, за Баерн за услугите на оваа актуелна фудбалка „ѕвезда“ тогаш плати само 175.000 евра.

Листата ја заокружува младиот и суперталентиран Афонсо Дејвис, кој потпиша од МЛС-лигата за вкупно 19 милиони евра.

Или севкупно, за носење на овие 11 фудбалери во Минхен управата на Баерн потрошила 105,6 милиони евра, вистинска уметност на Румениге и Хенес и лекција за сите останати клубови, како да се склопи „дрим-тим“ за просек од помалку од 10 милиони евра по играч.

Се вчитува...