Уметноста на скоковите во вода се враќа на програмата кај музејот Гугенхајм во Билбао

Светската серија на скокови од екстремна височина, позната како Red Bull Cliff Diving, се враќа во баскискиот град Билбао за да ја демонстрира својата префинета уметност, што е втор настан во јубилејна десетта сезона на овој спорт. Првата станица од календарот беше во Тексас, каде што беше соборен рекордот за највисок број на поени што му донесе и победа на полскиот талент Крис Коланус, а овој пат платформата на висина од 27 метри наместо на карпи ќе биде поставена на врвот од мостот „Ла Салве“, од каде што скокачите ќе „полетаат“ при изведувањето на естетските слободни скокови на европско тло.

Мажите ќе продолжат во својата битка за трофејот „Кинг Кахекили“ кога ќе ги изведуваат своите скокови пред легендарното здание на музеј Гугенхајм во Билбао, при што моменталните „тешкаши“ на спортот, рекордерот во победи Гери Хант (Велика Британија) и актуелниот светски првак, Мексиканецот Џонатан Паредес, ќе треба да го подобрат сопственото издание по разочарувачкиот почеток во оваа јубилејна сезона.

Се очекува илјадници фанови да дојдат покрај реката Нервион за да ги бодрат главните актери, исто како кога овој град беше домаќин на финалето на сезоната 2015. По отворањето на сезоната со својата дебитантска победа, Крис Коланус од Полска се враќа на местото каде што го освои својот прв подиум во 2014 година, додека „брилијантниот Британец“ Хант ќе се обиде повторно да блесне на местото каде што беше крунисан за шампион пред три сезони.

И покрај тоа што рекордерот Хант поради ментална блокада не успеа да изведе свртување и мораше да изведува скокови со помал коефициент на тежина, неговата глад за успех е голема како и секогаш, особено затоа што во Тексас се најде на осмото место. Истото важи и за жителот на Мадрид, светскиот шампион од 2017 година, Паредес, кој има дополнителна мотивација да настапи пред публиката од својата втора татковина. По исклучително слабиот пласман како десетти во првиот натпревар, 28-годишниот Паредес ќе се потруди да направи безгрешно изведување на скоковите од неговиот репертоар, со цел да го консолидира својот пласман на втората од седумте станици во календарот.

Овој баскиски град е домаќин на еден од двата настани кои се резервирани само за мажи, заради структурните ограничувања на локацијата. Меѓу најдобрите 14 скокачи се и поранешните шампиони на овој спорт: Орландо Дуке (Колумбија), Артем Силченко (Русија), како и веќе споменатите Гери Хант и Џонатан Паредес.

Бидејќи се поголем број спортиски кои изведуваат маневри со 5 „салта“ или 5 вртења, нуркачката грациозност заедно со поголемата комплексност на скоковите ќе бидат комбинирани со стартот на натпреварот на ова место кое е природно испреплетено со модерната уметност.

Се вчитува...