Умтити на излезна врата од „Камп ноу“

Самуел Умтити е на добар пат летово да си замине од Барселона, по неуспешните преговори за потпишување на нов договор меѓу францускиот дефанзивец и каталонскиот гигант. Французинот игра одлично во последната линија на Барса сезонава, но проблемот е во тоа што со добрите партии го привлече вниманието на европските гиганти, кои се свесни дека во неговиот актуелен договор има клаузула во висина од 60 милиони евра. Со оглед на растот на цените на фудбалскиот пазар, дури и за дефанзивци со јануарските трансфери на Ван Дајк и Лапорт, оваа сума делува одлично пред се за англиските клубови Манчестер јунајтед и Челси, кои се подготвени да ја платат веднаш по завршувањето на сезонава.

Каталонците поради ова настојуваат да потпишат нов договор со кој би го задржале Умтити, но останале разочарани поради превисоките побарувања на фудбалерот. Како што јавуваат каталонските медиуми, Умтити побарал плата од огромни девет милиони евра по сезона, што е двојно повеќе од она што го заработува во моментов на „Камп ноу“.

Понудата на Барса од шест милиони евра годишна плата била експресно одбиена со напомена дека Манчестер јунајтед веќе му понудил девет милиони евра по сезона, по што раководството на каталонскиот гигант јасно ставило до знаење дека нема намера да влезе во трка со „црвените ѓаволи“. Како што стојат работите, Мурињо ќе доведе уште еден скап дефанзивец на „Олд трафорд“, а Барселона одново ќе бара квалитетен одбранбен играч како партнер во одбраната за Жерар Пике.

Се вчитува...