Урнебесна изјава на селекторот на БИХ: Не можам да ја освојам Формула 1 со Спачек

Репрезентацијата на БИХ вчера доживеа непријатен пораз од Луксембург на домашен терен со 0-2, и така драстично си ги намали шансите за пласман на ЕВРО 2024.

Селекторот на БИХ, Фарук Хаџибегиќ и покрај поразот беше расположен за шега на прес-конференцијата, но прифати одговорност за поразот.

„Публиката има право да манифестира незадоволство после ваков резултат. Тоа е мојата одговорност. Фудбалот се игра за публика, и тие може да кажат што сакаат“, рече Хаџибегиќ.

На прашањето како е можно селекцијата да не постигне ниту еден гол против Словачка, Португалија и Луксембург, Хаџибегиќ даде интересен одговор.

„Видовте дека имавме многу шанси на тие средби, а видовте какви голови примавме. Згора на тоа со Луксембург промашуваме и пенал. Да дадовме гол се би било поинаку, но погледнете дали имаме играч кој игра 90. минути во клубот. Тоа е само Џеко. Нам тој ритам ни е проблем, и тоа секогаш го зборувам. И денеска составивме екипа затоа што има играчи кои кажуваат дека не можат да играат. Немојте да живееме од резултат до резултат. Ако сакаме да напредуваме, мораме да бидеме логични во анализата. Не можам ниту јас да ја освојам Формула 1 со Спачек“, рече Хаџибегиќ, алудирајќи на легендарниот автомобил Цитроен Спачек.

Се вчитува...