Уругвај ја приземји Русија, прва радост за Саудиска Арабија

Русија тргна фуриозно во првите две кола од овој светски шампионат, но домашната селекција падна на првата посериозна пречка, губејќи во битката за првото место против Русија со резултат 3-0.

За разлика од дуелите со Саудиска Арабија и Египет, овојпат руските фудбалери одиграа далеку послабо, не успевајќи да воспостават контрола над средината на теренот. Прашањето на победникот беше решено за половина полувреме, најпрвин Суарез од слободен удар го отвори резултатот во 10. минута, а тринаесет минути подоцна веќе беше 2-0, по автоголот на Черишев.

Сите шансите за камбек исчезнаа со црвениот картон што го заработи Смолников во 36. минута, по што Уругвајците рутински ја задржаа предноста и со играч повеќе на теренот не им дозволија на домаќините ниту за момент да се понадеваат на камбек. Точка на мечот стави Кавани, со гол постигнат од непосредна близина во 90. минута, прв погодок на асот на ПСЖ на овој мундијал.

Со оваа победа Уругвај го освои првото место во групата, додека Русија се пласира во осминафиналето како второпласирана селекција од групата А.

Во вториот меч од оваа група Египет и Саудиска Арабија одиграа драматичен меч во кој „фараоните“ водеа, но загубија со гол што Саудиска Арабија го постигна во 95. минута.

Салах го доведе Египет во водство, а Саудиска Арабија стигна до реми со пенал во судиското продолжение од првото полувреме. Претходно, во 41. минута за Саудиска Арабија беше досуден уште еден пенал, но Ел Хадари го одбрани обидот на Ал Мувалад. И кога сите очекуваа крај на мечот, во 95. минута Саудиска Арабија постигна и втор гол преку Ал Давсари, избегнувајќи го „фенерот“ во групата.

Се вчитува...